Младиот научник Живко Јанев на гости во „железници“

Младиот научник Живко Јанев на гости во „железници“

Како менаџерски тим сме свесни дека мораме да ги вклучиме ваквите деца и заедно со нив да го поставиме железничкиот сообраќај во Македонија на вистински колосек по европски терк – изјави директорката на патнички сообраќај, Гордана Стојановска 

Поттикнати од текстот објавен на Факултети.мк за Живко Јанев, 21-годишниот студент на Академијата за железнички сообраќај во Москва, кој веќе има неколку научни труда, претставници од „Македонски железници“ неодамна остварија средба. Јанев го прими директорката на подружницата за патнички сообраќај, Гордана Стојановска, заедно со претставници на менаџерскиот тим на „Македонски железници-Транспорт“ АД – Скопје.

Менаџерскиот тим на „Железници“ го пречека студентот Живко Јанев

Таа нагласи дека во оваа „тешка состојба во која се наоѓа фирмата“, неопходна им е помош од стручни лица, а особено ако станува збор за млади лица.

– Беше тажно кога дознавме дека низ светот има млади луѓе од Македонија што работат во овој сектор и имаат големи познавања, кои со своето образование, работење и научни истражувања се веќе афирмирани личности на европско и на светско ниво, а ние во Македонија не знаеме ништо за тоа. Не бевме изненадени од фактот дека се ценети и почитувани надвор, туку дека никој кај нас не се ни обидел да се распраша за нив и нивното стекнато знаење, а камоли да стапи во контакт со нив и на некој начин да ги привлече – вели Стојановска.
Таа додава дека се нашле во делот каде што заедно со младиот научник сакаат да дадат придонес за модерна и успешна железница надвор од рамките на досегашното функционирање.

– Свесни сме дека проблемите се огромни и нема лесно да се решат, но и дека треба да почнеме од некаде ако сакаме да ги решиме. Ние, како менаџерски тим, сме свесни дека мораме да ги вклучиме ваквите деца и заедно со нив да го поставиме железничкиот сообраќај во Македонија на вистински колосек по европски терк – изјави директорката на „Железници“.

И Јанев го изрази своето задоволство што го повикале на средба.
– Тој нè упати во сите негови досегашни достигнувања во полето на железниците, како од аспект на образованието така и од аспект на професионалниот план, во проектите на кои работел, наградите и признанијата што ги добил. Не само што уживавме во разговорот туку и многу работи чувме и научивме од него, особено во делот за европските и руските железници, за европските пруги и возови кои се движат со брзина над 300-350 км/ч. Горди сме што љубовта кон возовите и железницата на едно мало дете кое катадневно ги истражувало „тајните на ’Македонски железници‘“ доведе до израснување во едно прекрасно момче, млад научник од областа на железниците, чија посветеност кон знаењето и науката несомнено ќе му го трасира патот кон поголеми успеси, за кои искрено веруваме дека ќе бидат од светски размери, а ние уште повеќе ќе се гордееме со него – изјавуваат во „Железници“.

Превземено од fakulteti.mk