На ден 10.01.2017 година во просториите на хотел Александар палас во 11:00 часот се потпиша договор за набавка на 4 Нови електрични локомотиви во рамките на Проектот за обнова на возниот парк на МЖ Транспорт АД – Скопје во соработка со Владата на Република Македонија преку Министерството за транспорт и врски и ЕБОР (Европската Банка за Обнова и Развој).
На потпишувањето присуствуваа претставници на Министерството за транспорт и врски, Министерството за финансии, Македонски Железници Транспорт АД и CRRC Zhuzhou Electic Locomotive Co.,Ltd.
Инаку ова е втор договор што го реализираат Македонската влада и CRRC Zhuzhou Electic Locomotive Co.,Ltd, по оној за набавка на 6 нови патнички гарнитури. Инвестицијата која е вредна 8 милиони евра е финансирана од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), а се реализира во рамките на Проектот за обнова и развој на возниот парк.
– Набавката на четири нови електрични локомотиви значи обнова на возниот парк по 40 години, задоволување на европските стандарди за безбедност, удобност и сигурност во железничкиот транспорт што би значело поголем број патници, поголема брзина, енергетска ефикасност и заштита на животната средина, истакна генералниот директор на Македонски железници Транспорт АД – Скопје Никола Костов по потпишување на Договорот.
Благодарност за соработката и довербата искажа и претседателот на CRRC Zhuzhou Electic Locomotive Co.,Ltd Џо Шин Ха кој истакна дека со реализација на постигнатите договори Македонија ќе добие сигурни производи со врвни перформанси и прекрасен изглед.
На потпишувањето на Договорот присуствуваа и државните секретари во министерствата за финансии и транспорт и врски, Игор Димитров и Божидар Петровски, како и конзулот на НР Кина во Македонија.