Прирачник за Патници - Железници на Република Северна Македонија Транспорт А.Д. Скопје

Некои информации за да ве водат пред и за време на патувањето

Почитувани патници;

Кога секој што сака да патува со нашите возови, купува билети во согласност со националните и меѓународните регулативи, се смета дека склучил договор со  ЖЕЛЕЗНИЦИ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ТРАНСПОРТ А.Д. Скопје.  Подолу се наведени сите корисни информации за нашите патници во внатрешниот и во меѓународниот сообраќај.

За повратни патувања, корисниците на превозот имаат право на повластица од 20% за 2. и 1. класа за сите видови возови.

Месечни претплатнички возни билети за ученици и студенти се издаваат на ученици и студенти кои патуваат од своето место на живеење до местото на учење на пругите на РМ, врз основа на легитимација К-18 .

Важноста на претплатничкиот возен билет е:

– за цел календарски месец;

– за одење и одење и враќање;

– за сите месеци во годината.

Ученици до 12-годишна возраст плаќаат полна цена од претплатничкиот возен билет.

Месечен претплатнички возен билет за работници се издава на лице кое патува од своето место на живеење до работното место на пругите на РМ, врз основ на легитимацијата К-19.

Претплатничкиот возен билет може да се купи:

– за цел календарски месец;

– за пола календарски месец;

– за одење и одење и враќање

Млади лица до 27 годишна возраст имаат 50% повластено патување,врз основ на легитимацијата К-13б која се издава на патничките благајни на територијата на МЖ Транспорт АД – Скопје, легитимацијата ИСАЦ, легитимацијата ЕУРО 26;

Стари лица и пензионери со навршени 60 години имаат право на повластено патување од 30% од редовната возна цена. Повластицата можат да ја користат врз основ на легитимацијата К-13ц која ја издаваат патничките благајни;

Деца од 4 до 12 годишна возраст имаат право на 50% повластена возна цена од цената за возрасни лица за 2 и 1 класа. Деца до  4 годишна возраст имаат право на користење бесплатен превоз без право на заземање на седиште.

За училишни и научни екскурзии на ученици и студенти, кои се организирани од страна на образовни, воспитни и општествени организации (училишта, факултети, академии, спортски и културно-уметнички друштва…) се одобрува повластица од 50% од  редовната возна цена за 2. класа за патнички и брз воз. Групата може да користи повластица ако се состои од најмалку 6 патника не сметајќи го наставникот или професорот, кој мора да ја придружува групата.

Повласената цена за групно паување се користи врз основ на список на група патници. Списокот треба да биде заверен од страна на институцијата која користи групно патување.

Новинарите, членови на Сојузот на новинари на Македонија имаат право на повластица од 30% од редовната возна цена за неограничен број патувања на пругите на РМ во 1. и 2. класа за сите возови.

Повластица се користи врз основ на заверена легитимација, која ја издава Сојузот на новинарина Македонија.

Слепите лица, членови на Сојузот на слепите на Република Македонија, во железничкиотпатнички сообраќај имаат право на повластица во висина од 75% од редовната возна цена за шест (6) патувања годишно. Слепото лице има право на придружник.

Придружникот на слепото лице има право на бесплатно патување во железничкиот сообраќај во сите случаи кога го придружува слепото лице, кога патува сам по слепото лице или при враќање по придружувањето на слепото лице.

Повластица се користи врз основ на книшката за повластено возење на слепото лице, која ја печати Сојузот на слепите на Македонија и ја издава надлежна организација-Здружението наслепи лица -членка на Сојузот, на чие подрачје живее слепото лице.

Од 01.06.2017 година МЖ Транспорт на патниците кои го користат меѓународниот патнички сообраќај  им овозможува  со купениот возен билет однапред  да направат и електронска резервација за одреден воз и место (седишта, легла и постела).

При купување на возен билет за меѓународен патнички сообраќај патникот може да купи и резервација за седење за одреден воз на денот на патувањето или однапред (најрано 2 месеца) пред  датумот на започнување на патувањето. Возовите и колите кои се резервираат наведени се во ред на возење.

Резервираното место се зазема најкасно 15 минути од поаѓањето на возот од станицата од која е извадена резервацијата. Доколку не се заземе местото во овој термин се смета дека местото е слободно за други патници.

За користење на постела во вагоните за спиење патникот треба да поседува возен билет.

Деца до 4 годишна возраст може да ја користат постелата со возрасно лице. Деца од 4- 12 години возраст кои користат посебна постела се плаќа превозен билет со 50% и постела како за возрасен патник со полна цена.

Резервираното легло се зазема најкасно 15 минути од поаѓањето на возот од станицата од која е извадена резервацијата. Доколку не се заземе леглото во овој термин се смета дека местото е слободно за други патници.

Електронска резервација за седење и легла се врши на меѓународна благајна во станица Скопје.

Контакт телефон: +389 25201902

Народните херои имаат право на повластица од 75% од редовната возна цена за неограничен број на патувања.

Народните херои имаат право на две бесплатни патувања годишно во 1. класа за сите видови возови. Повластени и бесплатни патувања се користат во текот на годината за која важи книшката.

Ако народните херои се инвалиди од I. група, имаат право на бесплатен превоз на придружник и бесплатен превоз на инвалидска количка (Службен весник бр. 36/94 и 22/96). Книшката ја издава Министерството за труд и социјална политика – Републичка управа за прашања на борци и воени инвалиди.

Бесплатен и повластен превоз на воените и мирновременските воени инвалиди,  членовите на нивните семејства и на членовите на семејствата на паднатите борци се врши со железница  согласно со Законот за правата на воените инвалиди, на членовите на нивните семејства и на членовите на семејствата на паднатите борци за бесплатен и повластен превоз.

Објавата за бесплатно патување од споменатиот Закон ја издава и заверува подрачната организациска единица на Министерството за труд и социјална политика во општината на чие подрачје живее корисникот. Објавата важи 60 дена од денот на издавањето. Овој рок може да биде и подолг, доколку на објавата тоа посебно го означи и завери нејзиниот издавач.

Воен инвалид има право на три возења годишно со повластица од 75% од редовната возна цена.

Живи животни не смеат да се внесуваат во патничките вагони и вагоните за ручање. Ако не е спротивно на посебните прописи, дозволено е внесување во патничките вагони на:

а) мали припитомени животни затворени во кафези, кошари или други погодни пакувања ако можат да се сместат како рачен багаж;
б) мали кучиња ако не им пречат на патниците и ако можат да се држат во скут.

Во вагоните за спиење и вагоните со легла можат да се превезуваат кучиња под услов патникот да има купе на исклучителна употреба, со тоа што за кучето се плаќа половина од редовната возна цена за 2. класа на патничкиот воз.

Рокот на важење на возните билети изнесува:
а) за патување во една насока:
–    за растојание до 100 км-1 ден;
–    за растојание од 101 км  и повеќе-2 дена.
б) за повратни патувања:
–    за растојание до 50 км- 1 ден;
–    за растојание од 51 до 100 км-2 дена;
–    за растојание од 101 км и повеќе-30 дена;
–    за растојание до 100 км за па празници возните билети на МЖ Транспорт АД-Скопје важат од петок (односно од денот што му претходи на празникот) од 0,01 часот до понеделник (односно до денот после празникот) до 24,00 часот.