Во рамките на редовните средби со раководствата на железничките компании кои се членки на Европската Заедница за Железници (ЦЕР), а чија членка е и МЖ Транспорт АД-Скопје, на 07 мај 2018 година, во просториите на МЖ Транспорт АД-Скопје и ЈП МЖ Инфраструктура се реализираа деловни средби помеѓу Претседателот на Европската Заедница за Железници (ЦЕР), Либор Лохман, Претседателот на Управниот одбор и Генерален директор на МЖ Транспорт АД-Скопје, Љубиша Ристиќ и Генералниот директор на ЈП МЖ Инфраструктура, Ирфан Асани. Покрај нив, на овие средби, од страна на МЖ Транспорт АД-Скопје присуствуваа и Саша Јовановски, Член на Управен одбор и Директор на патнички сообраќај и Добре Силјаноски, Член на Управен одбор и Директор на товарен сообраќај.
Целта на одржувањето на овие деловни средби се размената на информации за актуелните состојби во железничкиот сообраќај во Македонија и ЕУ. Претседателот на Управниот одбор и Генерален директор на МЖ Транспорт АД-Скопје, Љубиша Ристиќ, даде кус осврт на тековните и идните проекти кои МЖ Транспорт АД-Скопје ги презема за подобрување и зголемување на возниот парк, а кои, исто така, се во интерес и на Европската Заедница за Железници (ЦЕР).
Претседателот на Европската Заедница за Железници (ЦЕР), Либор Лохман ни посака понатамошен успех во работењето истакна дека, како и досега, Европската Заедница за Железници (ЦЕР) секогаш ќе биде отворена за непречена соработка и понатаму ќе продолжи да дава силна поддршка на работењето на МЖ Транспорт АД-Скопје и ЈП МЖ Инфраструктура, како нејзини рамноправни членки.
Претседателот на Европската Заедница за Железници (ЦЕР), Либор Лохман, за време на оваа средба ги посети и просториите за Информации и Благајната за издавање на возни билети лоцирани на Железничката станица – Скопје, како и меѓународниот патнички воз, со кој го продолжи своето деловно патување кон Белград, Р. Србија.